Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Министерството за социјална политика, демографија и млади и фондацијата СИЗИГИЈА
Во просториите на Министерството за социјална политика, демографија и млади се потпиша Меморандум за соработка помеѓу Министерството и СИЗИГИЈА Скопје – Фондација за создавање екосистеми, иновации и трансфер на знаење за личен и деловен развој.
Меморандумот беше потпишан од министерот Фатмир Лимани и г-ѓа Сузана Трајковска Кочанковска од СИЗИГИЈА. Со оваа соработка, Министерството изразува поддршка за активностите на фондацијата во рамки на проектот „Црн лебед“.
Проектот има за цел да поддржи лица во ризик преку обезбедување обуки и можности за вклучување во социјални претпријатија, со фокус на креирање инклузивни работни места во контекст на социо-економски претпријатија.
За проектот „Црн лебед“
„Црн лебед“ е проект финансиран од Министерството за социјална политика, здравје и заштита на потрошувачите на Република Австрија, започнат на 25.01.2025 година, со времетраење од 12 месеци.
Проектот се реализира во соработка со:
Impact Hub Австрија
Фондацијата СИЗИГИЈА – Скопје
Целната група на проектот се:
Млади жени (15–24 години) кои не се вработени, ниту вклучени во образование или обука (NEET)
Лица со попречености
Преку обуки, практична работа во фирми и социјални претпријатија, проектот ќе им помогне на учесниците да ги подобрат своите вештини и можности за вработување.
Центар за социјални претпријатија – просторот за реализација
Активностите од проектот „Црн лебед“ ќе се реализираат во Центарот за социјални претпријатија, кој е даден на трајно користење на Министерството со одлука на Владата на Република Северна Македонија.
Фондацијата СИЗИГИЈА ќе го користи просторот без надомест, овозможувајќи ефективна имплементација на активностите за поддршка на ранливите категории граѓани.















